Царот гратцки 1
Си бил еднаш еден Цар со име Коце Грацки. И бил тој цар на сите улици, булевари, пазари и јавни површини, со кои стопанисувал само тој. Ама ги имал тооолку многу , што неможел сам да ги работи и морал некои од нив другому да даде да ги води, раководи и плодотвори. И ги сакал Коце сите свои поседи како сопствени чеда. Ги сакал сите скоро подеднакво, ама најмногу од се ја сакал најмалата си ќерка со име Ко(н)цесија Петка. Но дошло време и нејзината рака на тендер херојски да ја даде.
И објавил Коце, царот гратцки, оти ќе ја дава раката на неговата најмала и најдрага ќерка. А јунакот шо мисли дека може да ја има ќе треба првин да исполни неколку услови. Прво, на царот Коце да му донесе бира, ама не било каква ами како што сам царот велел: “бира ладна-ладна, така ладна шо ко ќе ја фатам да ми жежи, ама убаво да ми е”. Потоа, втората задача била уште потешка - во 3 саатот од полноќ да ја дознае цената на бурекот во Чаир, и то лично и персонално од Биљана (А1, а сите факинг) Секуловска. И третата, чунки најтешка, да ги спои Латас и Шеќеринска.
И врвеле така јунаци градски, полуградски и малоградски, и некој не успеал да ја исполни ниту првата задача, оти штом ќе се обиделе бира на царот да му донесат, патот од кооперацијата до неговата канцелариска престолнина бил доволен бирата да се потстопли и на царот гадно да му биди. Дури самиот цар се откажал од вербата дека грч-ладна бира ќе пие, а камо ли дека некој достоен јунак за ќерка си ќе најде.
Арно ама, еден ден во канцеларијата на царот градски, влетало едно големо, незграпно момче со приградски изглед: со позајмен, преиспеглан костим кој најверојатно го носи прв пат, со коса која за прв пат се запознала со запците на чешелот, и со мирис на сапун кој се стопил од правта на неговата секојдневна физичка работа. Во едната рака носел два неугледно превиткани, од пот полунатопени листови хартија, кои по влегувањето ги бутнал во џебот. На самиот влез во канцеларијата момчето се свртело и рекло:
“Дајте ме само 15 минути и ќе видите дека вистина зборам и дека ќе се вратам. “
И ете ти го Боро Трактор, очи в очи, со царот градски, кој го прашал:
“Кој си бре ти?”
Пружил Боро рака кон царот градски, и рекол:
“Дозволете ми да Ви се претставам, честити царе урабана легендо. Јас сум Боро Трактор, приватен автопревозник и вешт манипулант со сите превозни средства од познатите категории, и дојден сум тука да ја добијам дозволата за вашата ќерка Концесија.”
Го погледнал Коце низбрадно, и со потсмев го прашал:
“А како планираш тоа да го направиш кога ниеден од условите немаш исполнето?”
“Царе мој - рекол Боро - ми се чини оти јас сите ги имам веќе исполнето, но дозволете да ви докажам,” - му рекол и му подал една цигара од позлатена табакера со впечатлива гравура која велела “За Коце, царот градски”. Пофатил Коце да се послужи со цигара, а уште не ја ни доближил до устата кога Боро извадил упаљач со цел да му ја запали и направил едно “штраaааaнк” и од упаљачот бликнал толку голем пламен што не ја запалил само цигарата, ами троа раката царева ја подазпекол. И рикнал царот, што од болка што од шок, бајаги подналутен, со глас од кој глави сами паѓаат:
“Што стори бре сељачино безглава?!”
А Боро, со своите 196 сантиметри кроткост и 110 кила покорност и скромност, смирено му рекол:
“Па ете, го исполнив првиот услов.”
“Кој прв услов бре, мајмун низаеден?” – се развикал царот.
Во тој момент, Боро посегнал во својот набабрен десен џеб од костимот и во зажежената рака царска бапнал една ладна лименка пиво, и потем го прашал царот:
“Како пивото, царе?”
Подналутен, насамарен и зачуден, царот одговорил:
“Е жежи, ама убаво ми е.”
Потоа се насмевнал царот, и рекол:
“Мудро го ова изведе, но што со другите два услови?”
Охрабрен Боро, земал столче, седнал карши царот и рекол:
“Ако ми дадете 5 минути, ќе Ви докажам дека и тие сум ги исполнил.”
Со неверување, климнал царот со глава и рекол: “Еми ај да чујам.”
И така Боро ја почнал својата приказна:
(крај на првиот дел)
Претплати се на:
Коментари на објава (Atom)
1 коментар:
Aaaaaa...sakame part 2....odma:)!
Објави коментар