среда, 11 март 2009 г.

Та(т)ковство

(текстот што следи е почнат одамна, уште е недовршен и фрагментиран, се прашувам дали некогаш и ќе биде поинаков)

Tекстов се зачна како реакција на збир прашања во врска со татковството кои потекнуваат, или барем јас ги наидов во еден форум. Арно ама, мојата попроширена реакција реши да си најде друг пат, не само како одговор на некои од таму присутните прашања, ами многу повеќе како едно попроширено, поопшто рамислување на темата татковство, преку само-поставени прашања. Прашањата кои ги затекнав се:

Дали има рецепт за успешен и грижлив татко? Каква улога имаат современите татковци во воспитувањето на децата, ако знаеме дека барем на нашите простори во минатото тоа било главно улога на жената, мајката? Како и дали ги поделивте и вие улогите или можеби заедно ги пребродувате сите авантури на родителството?

Крајни, изделкани одговори и непостојат, но некои од можните се:

Во однос на првото мојот став е недвоив, а одоговорот е - колку има рецепт за успешна мајка, грижлив родител, доверлив пријател, пријателски настроен комшија, толку има и за успешен татко. Мене лично концептот рецепт не ми се допаѓа поради тоа што ме потсетува на ‘how-to’ прирачници кои ако се следат внимателно резулататот е неминовен (осигуран), но ако не се добие посакуваниот ефект, тогаш куварот (авторот на рецептот) не сноси никаква одговорност, и истото е грешка на локалната домаќинка, во случајов неуспашниот татко.
Што се однесува пак до прашањето на улогата на таткото, истото би го раздробил на неколку потпрашања во обид да се добие глобалниот одговор. Некои од нив се:

2.1 Што воопшто претставува татко и како истиот да се дефинира поимот? Ако се поистовети со машки родител, истата дефиницијата може да се примени на пола од живиот свет. Нити оваа нити било која релациона, билошка определба не функционира поради својата преопштост и не-ексклузивност (ја нема тако звана diferencia specifica во однос на човечкиот род, кој пак сам по себе е преширока категорија и затоа можеби е поедноставно да се збори за татко тука и сега, во случајот урбан Балканец од 21ви век). Сличен проблем би имало и со дефиницијата оплодувачот на мајката, но оваа определба не гарантира и учество во развојот, растот и васпитањето на плодот. Од психолошка гледна точка (иако културолошки определена), татако е крутиот, строг, рационалниот родител кој го поттикнува натпреварот, а не сочуствувањето, кој за разлика од мајката не го охрабрува плачот кај синовите или несигурноста кај ќерките. Арно ама во емпиријата има толку многу поцврсти и гласни деца, а сме виделе и толку многу плачливи, кревки татковци да психолошката поткрепа е неиздржана. Социјално гледано, а во однос на историската обусловеност содржана во горенаведените прашања (воспитувањето како женска улога), промените се преголеми и преразлични за да можат социјалните варијабли да се земат како посигурен определувачки критериум во родителството. Маалски кажано, не може да се каже дека таткото е заработувачот, а мајката домонегуватељицата. Во денешно време и двата родители работат, и двата имаат одредени (променливи или помалку променливи) домашни обврски насочени кон издршка и опстанок на домот и семејството – пеглаат, перат, чистат. Готват итн. Овде ги исклучувам сите оние (поради вакви или онакви за мене неприфатливи причини) тврдокорнопатрихархални семејства со строга трудова поделба[i]. И двата родители посакуваат да имаат што е можно поквалитетен педагошки придонес кон развојот на детето. Од се до сега кажано, следува дека споментатите (билошки, психолошки или социјални[ii]) категории не се од најголема помош во обидот да се подразјасни што е татковството.

Во тој обид, иако парадоксално ќе тргнам од најшироката можна категорија – културата – која во рамки на просторот и времето на поостоење, го осмислува и означува поимот татко. Така, секоја од нив во различно време и место, а во зависност од своите потреби и интереси, различно го семантизира поимот и определува кој квалитет и атрибут е позначаен и релевантен од остантаите. Така, во Јапонија таткото е можеби исто што и строг родител кој знае и да зачука по некоја, во Франција оној што ги споделува домашните обврски со жената, во Кенија ловецот на антилопи итн. Во сите од нив само една улога е најнагласена – строг патријрахален воспитувач, еднаков и еднакво грижлив домаќин, снабдувач на храна. Се чини дека проблемот е што во помодерните граѓански општества повеќе е присутен феноменот на повеќеулоги истовремено, не само една. Од друга страна секоја од тие улоги подразбира и се потврдува низ низа на конкретни активности. Токму активностите може да послужат како појдовна точка како во определбата така и во поимањето на концептот татко. Во кој контекст би можело да се постави прашањето за нивната природа (кои се тие активности што концензуално се етикетираат како татковски а со тоа се во склад и со културните очекувања) и колку се релевантен критериум во поимањето.

Овие активности можат и да се сватат и како постоечки сет на слични искуства (таткото во прво време е помалку корисно нутриционистичко битие, потоа е горд, па егзекутор на казни поврзани со кец у школо, па читачот на неделниот весник, па шоферот до парк прошетка) арно ама вака пак поимањето е циркуларно и не нуди можност за промена. Во однос на што сметам дека нивниот попис е секундарен во однос на друга работа. Треба да се земе во предвид дека татковството е составен дел на една културата, во која функционираат врдности, идеи, однесувања кои можат да се довдат во блиска врска со татковството. Во кој случај многу побитно е прашањето дали добар татко е оној кој ги потврдува културолошки настанатите очекувања, идеи, вредности и истите само ќе ги пренесе, интернализира во и кон детето (а со тоа стане добар родител според критериумот ги задоволува барањата) или пак нема да го воведе своето чедо во култура со чии вредности не се согласува, така осудувајќи го на можност од неприфатливост. Поточно, како да се одлучи помеѓу изборот татко конформист или идеалист. Или уште потешко: Како да го обучи детето да го направи таквиот избор, откако претходно го запознал со културата? Како да го воспита во време на променливост, плурализам да не речеме?

Прашања има толку многу што со секое наредно, одговорот е подалечен, затоа во духот на анти тупачиството би рекол дека не таткото, ами детето е медијатор помеѓу светот и таткото, родителот кој има одговорност пред се кон себе и светот, и двете сплотени во детето. Детето е баланс, meeting point на светот и родителот, на храни го на два саати и како, на учи го дека пријателството е основна човечка вредност и зошто, и повторно како, на твојот личен избор дали ќе бараш детален репорт после првиот интимен состанок, на правото да се санкционира или не, на...

На крај на краиштата, што е пак добра мајка? Добар родител? Но многу поважно, а во дух на моето лично верување, како и реакција кон рецептот за татковство, дали на крајот татковството постојано не се создава, ресоздава, реинтерпретира и слично? Взаемно, неделиво се развива и менува со процесот на мајчинство, родителство, синство, ќерковство, и живеење. И едно друго прашање (инспирирано од драга ми сватица) , а парафразирано: “Дали мојот татко е и таткото на мојата сестра, мојот брат?”

И најбитно во мој случај (за оние што доообро ме познаваат): “Што е добар, грижлив, послушен син? (Дали како и таткото кој треба да ги препознае потребите на потомството и да ги поучи истите морално и приоритетно да ги вреднуваат и задоволуваат, дали и синот итот така треба, (а со тоа и како и кога) да уочи дел од потребите на родителот? И делува соодветно.

Ова се само дел од прашањата кои јас допрва ќе почнам да ги одговарам, вреднувам, реформулирам и така натаму. Ако успеам да постигнам јасност и опипливост во резултатите само ќе ги пренесам со нагласување дека истите се неприменливи во друг дом. И така, отидов ја да татковствувам, оти од денес натаму прашањата ќе се ројат без можност за многу размислување а јас ќе треба од ројот многу ефикасно да го вадам и медот и млечта. А Вие добро размислете што би правеле откако сперматозоидната инвестиција, донација ќе ви се материјализира, оживотвори. Ако се чуствувате неспремни...


[i] Не станува збор за криза на мојот личен полов идентитет, колку што навистина се грозам од такви патријархални идеологии во кои “местото на жената е дома”, а истовреме се зборува или бара БИЛО каква еднаквост.
[ii] Тука не стана збор за политичка определба иако би било интересно да се разгледа како татковството се определува во зависност од односите на мажот и жената дефинирани и регулирани од страна на општествените институции и доминантната политичка (или религиозна) филозофија, ориентација.

Нема коментари: