четврток, 6 ноември 2008

Уште сосема малку Лондон 6

И како за крај уште неколку прибелешки.

Не можев да не забележам дека во секоја втора меана, ресторан и слично, едно од најприсутните цвеќиња е зaмијокула, долги и до метар единечни стебленца кои растат густо, и на кои има две редици (наредени цик-цак) листови со сјајна темно-зелена боја. Не бара многу светло нити вода. Токму поради неангажирањето или минималната потребна грижа и ангажман истото е погодно за чување од една страна, а од друга тоа ја објаснува неговата присутност.

Она што вџашува е најчестата локација на која може да се сретне во споменатите места – ќош, лево од влез на веце, забутано местенце итн. Освен што ваквата поставеност говори и за крајно презрив однос кон самото цвеќе, и отсуство на концепт за декорација, од друга страна истата поставеност, укажува на неискористеноста на неколку од функциите што цвеќето може да ги изврши, како на пример: криење на голема флека на ѕид, или пак сокривање на бившо дупче за шајка. Ова пак во крајна линија може да се земе како само поразителен однос кон цвеќето кое е таму само затоа што можеби не знае каде на друго место да биде, или ни самото нема појма зашто е баш таму, исто толку колку што таква претстава има и неговиот поставувач.

Ваквиот однос и не баш зачудува кога ќе се земе предвид дека доаѓаат луѓе, кои своите четири годишни деца сеуште ги буткаат во количка, наместо да им удрат по некоја и ги пратат по цигари и весник. И исто така, од луѓе кои на 7 степени носат бермуди, кратки и летни алишта, трчајќи, возејќи велосипед, или пак најекстремните, само пешачејќи. Знам дека навикнатоста на такво студено време не треба да зачуди, исто како што и не би зачлудило ако истите луѓе би испоцркале во скопски јули. Иако знам - не ми се помалку ненормални.

И знам дека претерувам и преобличувам, и во одредени “недостатоци” додавам и измислувам детали. Арно ама сето ова не го замислив како документаристички патепис, па веродостојноста да мора да биде огледална. И знам дека имам предрасуди и генерализации, ама јас и ги сакам и ги поддржувам предрасудите. Предрасудите се она што сме ние, тие не означуваат, идентификуваат, разликуваат и не прават луѓе (за ова можеби некој ден ќе посветам подетална студија).

И за крај, како што кажав на почетокот и претпоставив, дека ова ќе биде осврт, коментар, на еден во многу нешта расцепкан, фрагментиран, деконтекстуализиран Лондон. Како велат – не сум го запознал, доживеал и почувствувал вајбот, и не сум ја видел the great picture. Но она што сакав, а не го видов, или подобро сфатив, кој е тој Лондон што Маркс го фрли на улица и го однесе во смрт, кој е тој Лондон што го спиздил MacGowan, каде е Лопндон што Германците не успеаја да го уништат...?

Премногу пластови, премногу Лондони, а со тоа луѓе во и со него, и никој како оној на кој му намигнав, а кој е несвесен за моето присуство, нити пак податлив кон мене, остана убрзан, ритмичен и исто како и сите кампови на глобалниот капитализам – ладен.

Нема коментари: