вторник, 19 август 2008

Семиотика Паприке, или мај трибјут то хер Чили

Семиотика Паприке

Чудо, но после толку време ми текна, или подобро ми созреа, идеата да спојам два големи мои фетиши:

1.семиотиката[1] како моја (што би рекле Англите, а Саксонците би ги поддржале) академска загриженост[2] и (не само) мој (ниту единствен, се надевам) инструмент за нурнување во светот и негово согледување и

2. лутите пиперки како неразделив дел од мојот идентитет потврден преку моите пиперкарско љубовни дискурси (пракси) на нивно садење, одгледување, способност за разликување, и се разбира несебично вклучување во секојдневната исхрана.

Мотив за ова скорешно спојување ми беше неодамнешното искуство на пазар со натписот Лути пиперки” што ме натера да размислувам за тоа што е луто, лутост, како може да се приеми, претстави итн. Знам дека ќе се залетате да кажете дека тоа е релативно и дека е во дух на народната “Она што е добро (читај луто) за рибарот не мора да е добро за електричарот”. Апсолутно се согласувам дека толеранцијата народски кажано и од нејзе произлезената претстава (не станува збор за ништо друго но емпириско формирано и потврдено гледиште) е подложна на варијација, но храбро верувам дека таквата реакција би била типична за оние кои немаат високо-изнијансирано скалило на лутост. Луѓе за кои, се отаде нивниот низок степен на подносливост на луто е неподносливо, за кои постои малку, многу и изгор луто. Епа токму затоа, јас (за разлика од тоа што тие што ме знаат и веруваат дека го имам изгубено осетот за луто) верувам дека мојата хипер толеранција ми ја дозволува споспбноста за изнијансирано, степенувано поимање и разликување на лутоста. [3] Толку од мотивацијата. Назад кон примерот.

Натписот Лути пиперки” во контекст на пазарот првично како јазичен знак служи истовремено за таксономизација (категоризација) на производот а со што и за и информирање на потрошувачот. Причината зошто е избран пишан наспрема говорен е економичност. (не ваљда се надевате дека продавачот на пазар-тезга на секои две минути како некои одредени трговци на мало[4] ќе ја повторуваат својата понуда). На овој начин, самиот натпис служи како индекс да покаже дека токму тие, таму присутни пиперки се лути[5]. Кога таквиот знак ќе се контекстуализираме во порака ( а земајќи ги во предвид тезгата, продавачот и пазарот) таа би можела да биде “Јас продавам лути пиперки”. Првиот проблем е оној на емпириска верификација, за што во услови на не-есапни и неданочни односи, мора да се потпрете на добрата волја на продавачот и неговото одобрување за потврда дали и колку неговата понуда одговара на вашето барање и стандард на лутост. За што можам да кажам дека сеуште постојат чесни, пред се човечни луѓе. Проблемот е во оние кои дозволуваат само “платена проверка. Сумирано, на пазар може да се упатите врз основа на унифициран јазик кој не ги доловува нијансите и само со а-тест да пронајдете соодветна лутост, што не ни покажува што е лутоста, како се манифестира и културно третира. Најмногу внимание би му посветил на второто – како да препознаете лутост врз основа на достапни знаци. Токму тука семиотиката е од помош, а почетната претпоставка е дека лутоста е синдром, прашањето е дали е составена само од симптоми. Зошто толку истово ме фасцинра е тоа што самиот феномен би спаѓал во едни од најретките семиотики – олфакторна и дегустативна. Иако главниот проблем би бил тоа што таквите знаци (пораки) не се интенционални, сепак до некаде можат да послужат како показател (во случајот би биле индекс, но и метоним) на лутоста и нејзиниот степен. Како?

Искуството ми покажало дека лутиот пипер при термичка обработка на рингла испушта мирис кој драстично не се разликува доколку на истиот начин се подготвува блага пиперка. Но доколку истите се подготвуваат со помош на методот зејтин на тавче без капак” резултатите се драстично различни. Прво миризбата (условно миризба затоа што станува збор за збир на од честици кои немаат посебна миризба) ги надразнува следните рецептори: очи, грло, нос. Степенот на надразливост кај истите, печење, сврбење, јадеж, соодветствува со лутоста. Во кој случај самиот ефект е на некој начин олфакторен индекс на лутост. Како дополнителен сет на знаци кои говорат за истото се времето потребно да се проветрее воздухот, волуменот и опсегот на делување на мирисот итн. И онда се е готово. Не баш.

По сервирањето, при нивното дегустирање се појавуваат нови означители на лутоста: чуство на пржење на јазикот, чуство на топлина (дури и по целото тело, особено челото), одзатнување на носот, поцрвенување на фацата, солзење на очите. Јас дури еднаш доживеав чуство на брусење на желудник со шмишангла и чешање на колено. Повторно, беспотребно е да се нагласи корелацијата на знаците со дијагнозата”.

Пред да прејдам на следната група, анафоричните показатели, би потенцирал дека повеќето од овие ефекти се присутни кај сите нас, разликата е во тоа што во зависност од нашето лично искуство со пиперките, ефектите се појавуваат порано, побрзо и подраматично кај оние со послаба толеранција.

За мене лично најсигурен доказ за лутоста е нејзината олеснителна функција за дигестијата, дотолку повеќе што многу посигурни знаци за обострано степенот на лутост и на толеранција (но многу битно и комбинацијата, да не речам друштвото со кој лутата пиперка стигнала до вашиот желудник) е блага до срцепарателна болка и отечнување на столицата и како предпоследно – чуството на печење на вашиот ректум. Болежливото забришување, повторливоста на зортот и непријатното чуство при седење се само екстра.

За крај, после оваа знаковна хронологија на лутата пиперка, да споменеме дека секоја култура влијае врз поимањето првично преку одгледувањето на самата култура (дали и каква има), нејзното место во кујната на културата, меѓудругото. Згора на што личните искуства само додаваат на нијансирањето. Во овој контекст интересно е да се спомене и начинот на кој е таа претставена во културата првично преку јазикот. Оттука, изразите како се накривил ко лута пиперка, лут како пиперка, слушај ме да не ти ставам лута пиперка во…” говорат за донекаде нејзината демонизација и пејоративизација. А изразите од типот апетитка, налутува, гори ко огин, покажуваат некои од степените на лутост.

Па драги мои јас се надевам ви покажав како се означува, или ако сакате како може да препознаете лутост, и нејзини степени. На Вас оставам да ми помогнете во дефинирањето.

П.С. М0ра да признаам дека доколку текстот си го пишував себе, што не е далеку од вистината, ќе си го отежнев со како кажав поакадемски дизајн, архитектура и материјал. Но сепак верувам дека успеав истото да го избегнам со што непознавањето на семиотската теорија (од страна на некои читачи) да го отстранам како пречка во разбирањето.




[1] За што од една страна ќе им се извинам на неупатените, а од друга теорискиот вокабулар ќе се обидам да го задржам на минимум.

[2] Academic concern

[3] Со други зборови како знаеш што е високо ако можеш да прескокнеш само 10 сантиметри.

[4] Истите можат да се сретнат на Камениот мост или пред бивши Меркур.

[5] Дури може да се земе и дека написот и пиперките се во остенсичен сооднос.