четврток, 11 декември 2008

Бизарен случај пред Владата ја збунува полицијата

Шегаџија или критичар на власта


Веќе 15ина дена извесна непозната личност секој ден после 19 часот, но секој ден во различно време, остава по едно полно и по едно празно пивско шише на платото пред Владата на република Македонија. Мотивите за таквиот чин и се сеуште непознати на полицијата која и самата не успева да ја скрие сопствената збунетост од актот и несигурност како да се справи со сторителот. За ваквиот невообичаен чин, еден од претставниците на МВР затекнати на местото на настанот ни изјави:

“Засега со поголема сигурност можеме да претпоставиме дека една од можните цели на сторителот е да се критикува Владата поради минатомесечната одлука со која се забранува продажбата на алкохол после 19 часот. Она што се уште е нејасно е причината поради која сторителот на ова помалку бизарно дело остава и по едно полно шише од напитокот”.

Се чини дека најголемата енигма е како истиот прекршок – оставање на полно шише на јавна површина – да се третира. Дали како подметнување на хемиски ризични супстанци, обид за јавно потсмевање и нанесување срам, валкање и фрлање отпад на јавни површини или нешто друго, со што би се определил и видот на самата евентуална санкција. Во овој контекст, едно од одговорните лица ни изјави:

“Во овој момент нашите напори се насочени кон откривање на идентитетот на сторителот кој веруваме дека ќе ја расветли мистеријата како на нас така и на целата јавност”.

Но од очевидци дознавме дека тоа и не е единствената грижа на припадниците на МВР кои деноноќно дежураат околу објектот но не само со цел да се фати сторителот, туку и да се спречи уништувањето на еден од доказите. Имено според нивните кажувања во првите денови од ваквата повеќенеделна активност, самите чувари на објектот на Владата успевале први да го најдат полното шише , конзумираат и после тоа заедно со празното да ги фрлат во најблиската канта за отпад со тоа инкриминирајќи ги доказите. Дури после неколку дена еден од чуварите кои претходно не бил во ноќната смена го пријавил случајот. Од кој момент полицискиот надзор се одвива непрекинато во ночните часови во последните неколку денови. Но и покрај тоа, полицијата се уште не успеала да го надмудри препредниот шегаџија или критичар.


А во меѓувреме, решението на загатката останува дел од нашите претпоставки.

Поткопување

Другар ми Дончо е Археолог. Арно ама никогаш и не се потрудив да сватам што тоа значи. Долго време воден од своите неинтереси и предрасуди (па дури и сега) археологијата ја сметав за уште една историографска, документаристичка дисциплина, за пракса на ‘копање’ (но не и поткопување судејќи локално) со цел на реконструкција, реинтерпретација, потполнување и подизменување на “вистината”. Дрн дрн јариња. Толку е ископано, а Македонија пак е бивша и остало. Арно ама, за неспособноста , или пак досега малку направеното, во однос на промовирање на локалните наоди во светло на добивање политичка и економска наклонетост на светот кон нас, нема сега да говорам.

Интересот тука ќе го насочам кон самодговарање на прашањето што тоа археологијата прави, или не, и кои се некои од можните импликации и нужни ориентации на таквата пракса. Мојот светоглед ми налага на археологијата да погледнам како една специфична, донекаде сосировска семиотика (дијахрониско-синтагматска, која знакот го сематизира релационо со останатие, но истовремено и функционалистичка ради тоа што предметот-знак е до некаде и одреден и толкуван во однос на неговата функција.Исто времено археологијата е и идеолошка, и претставува мит на животот во потрага по својот почеток, зачеток, и тоа парадоксално преку знаците на својата смрт (мора да има гроб, нешто да се закопа за да има археологија, од друга страна таквата потрага е исто толку јалова колку и мисијата на археологијата ако застане само на таквата потрага).

Tаквата семиотика е заснована на археолошкиот пронајдок - артефакт, семиотички гледано-означител чие значење се обидува да се одгатне, контекстуслизира во рамки на не секогаш добро познат систем на останати, поврзани и неповрзани артефакти-означители. Појдовна точка во тоа е материјалноста на таквиот знак, на материјалот од кој е изработен, формата, дополнителните знаци присутни на него (пр. Одредени слики на вазна). Во рамки на опшатата археолошка тенденција – датирањето, истиот знак релационо се контекстуализира со останатите кои веќе се датирани, а со тоа и заробени во времето. Понекогаш веќе најдените се предпочетно толкување и претпоставка за она што може допрва да се открие, така што поетски гледано отстапките и случајностите не се дозволени.

Во ваквите документаристички рамки, најнагласен правец на толкување, како споменав, е функцијата на најдениот предмет-означител, функцијата и статусот на неговиот сопственик, неговата домицилна или увезена природа, одредни воено-економски врски помеѓу сопствениците и останатите и слично.

Она што мене ме збунува и ме остава во недоумица е што, и пред се колку, ваквата функционалистичко-домкуметаристичка семиотика на артефактот кажува за луѓето, нивните односи, чуства (човештвото во целина). Секако дека слика од фараонски кревет на кој некој го трти фараонот кажува за ентериерскиот вкус, половата припадност и сексулната ориентација на фараонот (ако земеме предвид дека вазно-сликарот не сакал да се позеза со фараонот) ама тоа многу не кажува за љубовта, старста, сексот. Од друга страна, не сум најсигурен дека страста на обичните луѓе била достојна тема за поетски израз.

Археологијата не нуди целовит и прифатлив одговор на прашањето: “Што точно ископаните предмети, и теориски и пред се практично, (ни) значат?. Или барем до таква претпоставка може да се дојде судејќи по нејзината локална тишина. Мене лично поинтересни прашања ми е се – како археологијата успева неповредена да го исклучи нематеријалното, она што не може да се закопа, па откопа? Што станува со незакопливото? Со нематеријално, па дури и немртво? Каде се тука вампирите, врколаците, народството? Дали со тоа што е фокусирана на материјалната култура го исклучува почовечкиот, или оној поинакучовечкиот дел од нас, а со што самата станува анти хумана? Но истовремено, таквиот стеснет интерес на археологијата го поставува и прашањето дали има воопшто нешто надвор, отаде материјалноста.

На крај на краиштата, дали некој ги прашал закопаните дали сакаат да бидат откопани? Дали откопувањето на свети гробови, на заедници кои верувале дека одат во вечниот задгробен живот, не е сквернавање? Но ми се чини дека откопувањето и не ги вознемирува мртвите толку колку живите. Како реков на почетокот, откритието на еден нов фараон се слејува во општо човечко знаење, достапно за сите, но најзначајно за оние кои најмногу политички и економски (политички како промена на книгата историска и ставот комшиско-светски, економски како туристичка примама) ќе профитираат. За жал, такво ‘вознемирување’, како реков поткопување, не гледам дека има кај нас, што пак до некаде ја доведува ‘копачката’ пракса под знак прашалник.