четврток, 16 октомври 2008

Гората црнее, суратот си трае

Сите знаеме за црногорските протести против признавањето на Косово од страна на нивната влада. Меѓу тоа, околу истот чин се поврзани серија прашања и дилеми како: Дали станува збор за Срби, српски лојалисти, заведена про-српски ориентирана група (Тешко дека се заведени 10 000 луѓе, или машала на умешноста)? Зошто, освен поради закоравениот и принципиелен српски став, анти-косовските чуства најчесто се речиси синонимни со ‘српство’? (патем српскиот став колку и да е неправеден, нечовечен, штетен, може да се земе како еден од најпринципиелно, систематски следените).[i] Зарем, нема антикосовски Црногорци? Кои се тогаш нивните стравови и верувања што ги натерале да излезат и агресивно истакнат одреден политички став? Сите овие прашања верувам заслужуваат, и некои добиваат, внимание, но оние кои јас ги наоѓам како најинтересни и релевантни за понатамошниот контекст се:

а) Од аспект на демонстрантите, прифатлива е позицијата која би тврдела дека барем тие јавно го артикулирале своето мислење. Проблематично пак тука е мотивот и усмереноста на таквиот еден олимпизам, (на важно е да се каже), а дали тоа ќе промени нешто во соодносот на конфликтните интереси на протестантите од една и признавачите од друга стана нека покаже времето или друг коментар. За тука и сега е битна ‘акцијата’како постоечки и видлив израз на незадоволство и несогласување.

б) Од аспект на Владата, метаставот на незадоволните е огорченоста од фактот дека Владата (која можеби ќе се обиде понатаму да ги оправда своите одлуки) не им дозволила учество во донесувањето на одлуката. Не лесно може да се претпостави дека еден можен исход од таквиот пристап е отварање на пандорината кутија. Што ако на виделина излезе општото несогласување на мнозинството со една институција која со потегот (а како и секој политички) привлекува една, а одбива друга група? Што ако постои јавно анти-косовско, анти-српско, анти-црногорско чуство? Опасно за Владата, нели. Затоа премолченоста во овој чекор и може донекаде да се разбере. Но од друга страна, народски кажано, народот нема влакна на јазикот и е импулсиван. Вака, парадоксално не зачудува ниту одлуката на Владата (која е особено зависна од меѓународната препорачателска политика), ниту несогласувањето на народот. Сума сумарум, вулгарно, но целото случување може да се сведе на Ако ме боцнеш, ќе подрипнам. (Дали доволно за да го извадиш трнот од мојот газ, не се знае, но со тек на време трнот може и ќе стане бенигна составка на мојот газ).

Пред да прејдам на полокалниот контескт, (иако излишно) да нагласам дека тука не станува збор некаков анти-албанизам, косовизам или слично. Ова е само повод за паралела со нашиот ни локален контекст кој се до реакцијата е идентичен. И ние го признавме Косово, и ние не бевме прашани околу тоа прашање. (како знаеме дека се почесто нашата Влада ни ја соопштува својата конечна одлука, треба да сме среќни додека и тоа го прават), ама ние и не-реагиравме, барем не ‘акционо’. Повторно, не станува збор да ја спориме конкретно оваа одлука, (иако какви сме, само вака, по форумчиња, мрчења и кафани, си ја голтаме огорченоста), ама ние не спориме ниедна одлука[ii]. Не изразуваме незадоволство, освен како такво не се земат чат-пат променадите покрај Влада, блокирање на некоја раскрсница и слично. И тоа ќе потрае троа, се додека Владата не ги прими претставниците, не ги мелиоризира нивните радикални ставови и субвенционира нивниот гнев со која реторичка насмевка. Но кога станува збор за помлади луѓе, ни тоа не е потребно затоа што тие како прилика за протест, good cause, продувавање, демократска дебата си го имаат Face book. Не ме сваќајте погрешно, како социјален јутилити со кој можеш да си го најдеш одамна загубеното другарче, или да ги задоволиш сопствените воајерски нагони гледајќи по туѓи слики, или оргијастично да збориш со неколкумина, или пратиш порака, е супер. Она што мене лично ми смета (покрај фактот што секој сличен портал го атрофизира мозокот, ја слабее социјалната активност, богами и физичка, и оди во прилог на пасивизацијата на корисникот) се оние good causes-like, ‘I do not agree, and the Government is shit’ иницијативи за ‘промена’ на одреден социо-политички факт од типот Зачувајте ја Македонија, Fuck Greece, Бидете Македонци до крај, Не го давам името, Сакам пиво после 7, Сакам и во парк после полноќ, итн. Истите не се ни очаен обид нешто да се смени, ама тоа не е до Facebook (а штета, баш може некако суратов да се искористи), ами до МК дел од корисниците кои истот како и генерациите пред нив кои се прошетуваат покрај Влада, обично на убаво време, од една страна тешко се одлучуваат да излезат на не-помасивна, ами поцелисходна активност, додека истовремено дел од нас тивко им се воодушевуваат на ‘разулавените’ Црногорци. И ретко кој помислува, во протест на двојните стандарди, да престане да плаќа струја и на клоци ги дигне насилните наплаќачи, како што тоа го направија една група на сложни граѓани, и ретко кој би сакал на клоци да го дигне најнеписмениот и неспособен градски татко, и кој пушач ректално би го ‘протресол’ Премиерот поради нјавеното огромно поскапување на цигарите после први Јануари, а да не збориме за лобирање со тапија, (при)слушање со ќеиф и останато.

Ма кој Ве *****. Ја ќе идам утре, најдобро би било после 19, да оставам неколку полни шишиња пиво пред Влада. За да видам кој ќе ги мазне. Или можеби подобро ќе соберам неколку празни, доволно за да се направи една пивска инсталација во две бои и многу отварачи. Уште и Маџиров да може да учествува, их! А мислам и дека ќе им оставам и порака.


[i] Прашањето овде, покрај себе штетноста на ставот, е дали во вакви услови нам ни е прифатлива и потребна (општо гледано) нечовечка, зверска приниципиелност или човечка, неконзистентна принципиелност како начин на организација.
[ii] Иако опозицијата редовно упатува критика кон постапките на позицијата, како сите знаеме тоа се потсетувања за нејзиното постоење и инструмент на одржување на нејзиниот имиџ. И нормално, доколку дојде на власт, ќе се занимава со истата статегија, содржини на себеоправдување и критика кон неконструктивната, деструктивна опозиција.