сабота, 28 март 2009 г.

Ем лично, ем симпатично

Неверојатно како во токму денешен ден, во смисла на одредени бруталности и недемократичност пред кои органите плави останале неми, мене ми се случи следновиов настан за кој можам да кажам дека е далеку по-отрезнувачки од кафетин и јогурт заедно:


Идам ја така задлабочен у проекција на домашна економија и буџет на пат кон Тинекс, кога застанува кола, онака неуредна и прљава како да е државна и тројца типови кои прашањето “Може ли да те прашам нешто?” го поставуваат откако ќе те сардисаат и ете ти веќе шашардисан вадиш све од џепови и останува по некоја мрсулава палома која претресувачот ја изнаоѓа не само како доволен но и предобар повод да биде вербално агресивен и суптилно навредлив со зборовите: “Добро бе дечко ти глув ли се, нели кажав се!”. И ај и тоа се стишува, па дигај раце и ватај јабуке, а онда мојата лична голема беља – несовпаѓање на адресите во лична и у живот. Шуќур шо не се фатија за тоа. За време на проверка на моите податоци у база ми поставија неколку прашања од кои две секогаш ме фансцинирале: “Си бил ли некогаш у полиција?” и “Си украл ли некогаш нешто?”. Да го Е!. Има ли човек кој не бил во полиција. Ама нејсе не е прашањето насилно и очигледно, а со тоа и излишно, колку што е застрашувачки начинот на кој се поставува и вметнатото очекување дека мора да кажеш се, тука , сега за вечни векови. Кога си бил, зошто, како и најбитно немој нешто да си пропуштил. А не смееш ни да помислиш да не одговориш. И второто, што мене ме потсетува на оние прашања за виза од типот “Дали вие или некој челен од вашето семејство е терорист, помагал терористи или можеби е замешан во убиството на Улф Палме?” Од секогаш ме интересирало кој и во какви околности би дал потврден и елабориран одговор.

И така ја уште стресен и задуман не сваќам дека дошле уште двајца колеги, покрај првите тројца и не знам зошто ама како по некој полициски истрениран терк ги потавуваат истите праашања со ист редослед. И никогаш, ама НИКОГАШ никој од првите испитувачи не се огласил да каже: “Колега средено е, прашан е.” Симпли полимејзинг. И откако ме фино проверија и исчешлаа фино, ама преееетивко ми се извинија дека морале така да постапат. И што мене сега ми пречи. Тоа дека ме извадија од памет, ме препаднаа, ме третираа како осомничен криминалец, а згора на што побараа и помош (да се обидам да индетификувам фото-робот на можен сторител), и на крај ми кажаа јеби га, не знаеме поинаку? Или тоа дека во иделаен свет, целата сцена е исполнета со помалку чуства на страв, презир, инфериорност и повторно страв? НЕ! Тоа што наводно они бркаа крадец на некаков си ланец, златен претпоставувам. Мај есс, 5 полицајци за еден ланец. Ја сум Кинг Конг. Или можеби треба да се прашам ЧИЈ ланец? Не сакам да прејудицирам, ама не верувам дека иститие или нивните колеги се истотака потепаа да индетификуваат осомничени кога на мојот јубилеен роденден (30ти) ни провалија дома и ни украдоа дигиталец и вина (за овие уште колнам).

Згора на што, еднаш братучетка ми фер (бар за тоа време) ми замери дека пишувам само за црнила, песимизми, критики и ни една пофалба. Во право е, ама ќе мора да почека. До тогаш јас уште ќе ја слушам песната на BDP “It’s the sound of the Police, Wahh, wahh, it’s the sound that I miss”.

среда, 11 март 2009 г.

Та(т)ковство

(текстот што следи е почнат одамна, уште е недовршен и фрагментиран, се прашувам дали некогаш и ќе биде поинаков)

Tекстов се зачна како реакција на збир прашања во врска со татковството кои потекнуваат, или барем јас ги наидов во еден форум. Арно ама, мојата попроширена реакција реши да си најде друг пат, не само како одговор на некои од таму присутните прашања, ами многу повеќе како едно попроширено, поопшто рамислување на темата татковство, преку само-поставени прашања. Прашањата кои ги затекнав се:

Дали има рецепт за успешен и грижлив татко? Каква улога имаат современите татковци во воспитувањето на децата, ако знаеме дека барем на нашите простори во минатото тоа било главно улога на жената, мајката? Како и дали ги поделивте и вие улогите или можеби заедно ги пребродувате сите авантури на родителството?

Крајни, изделкани одговори и непостојат, но некои од можните се:

Во однос на првото мојот став е недвоив, а одоговорот е - колку има рецепт за успешна мајка, грижлив родител, доверлив пријател, пријателски настроен комшија, толку има и за успешен татко. Мене лично концептот рецепт не ми се допаѓа поради тоа што ме потсетува на ‘how-to’ прирачници кои ако се следат внимателно резулататот е неминовен (осигуран), но ако не се добие посакуваниот ефект, тогаш куварот (авторот на рецептот) не сноси никаква одговорност, и истото е грешка на локалната домаќинка, во случајов неуспашниот татко.
Што се однесува пак до прашањето на улогата на таткото, истото би го раздробил на неколку потпрашања во обид да се добие глобалниот одговор. Некои од нив се:

2.1 Што воопшто претставува татко и како истиот да се дефинира поимот? Ако се поистовети со машки родител, истата дефиницијата може да се примени на пола од живиот свет. Нити оваа нити било која релациона, билошка определба не функционира поради својата преопштост и не-ексклузивност (ја нема тако звана diferencia specifica во однос на човечкиот род, кој пак сам по себе е преширока категорија и затоа можеби е поедноставно да се збори за татко тука и сега, во случајот урбан Балканец од 21ви век). Сличен проблем би имало и со дефиницијата оплодувачот на мајката, но оваа определба не гарантира и учество во развојот, растот и васпитањето на плодот. Од психолошка гледна точка (иако културолошки определена), татако е крутиот, строг, рационалниот родител кој го поттикнува натпреварот, а не сочуствувањето, кој за разлика од мајката не го охрабрува плачот кај синовите или несигурноста кај ќерките. Арно ама во емпиријата има толку многу поцврсти и гласни деца, а сме виделе и толку многу плачливи, кревки татковци да психолошката поткрепа е неиздржана. Социјално гледано, а во однос на историската обусловеност содржана во горенаведените прашања (воспитувањето како женска улога), промените се преголеми и преразлични за да можат социјалните варијабли да се земат како посигурен определувачки критериум во родителството. Маалски кажано, не може да се каже дека таткото е заработувачот, а мајката домонегуватељицата. Во денешно време и двата родители работат, и двата имаат одредени (променливи или помалку променливи) домашни обврски насочени кон издршка и опстанок на домот и семејството – пеглаат, перат, чистат. Готват итн. Овде ги исклучувам сите оние (поради вакви или онакви за мене неприфатливи причини) тврдокорнопатрихархални семејства со строга трудова поделба[i]. И двата родители посакуваат да имаат што е можно поквалитетен педагошки придонес кон развојот на детето. Од се до сега кажано, следува дека споментатите (билошки, психолошки или социјални[ii]) категории не се од најголема помош во обидот да се подразјасни што е татковството.

Во тој обид, иако парадоксално ќе тргнам од најшироката можна категорија – културата – која во рамки на просторот и времето на поостоење, го осмислува и означува поимот татко. Така, секоја од нив во различно време и место, а во зависност од своите потреби и интереси, различно го семантизира поимот и определува кој квалитет и атрибут е позначаен и релевантен од остантаите. Така, во Јапонија таткото е можеби исто што и строг родител кој знае и да зачука по некоја, во Франција оној што ги споделува домашните обврски со жената, во Кенија ловецот на антилопи итн. Во сите од нив само една улога е најнагласена – строг патријрахален воспитувач, еднаков и еднакво грижлив домаќин, снабдувач на храна. Се чини дека проблемот е што во помодерните граѓански општества повеќе е присутен феноменот на повеќеулоги истовремено, не само една. Од друга страна секоја од тие улоги подразбира и се потврдува низ низа на конкретни активности. Токму активностите може да послужат како појдовна точка како во определбата така и во поимањето на концептот татко. Во кој контекст би можело да се постави прашањето за нивната природа (кои се тие активности што концензуално се етикетираат како татковски а со тоа се во склад и со културните очекувања) и колку се релевантен критериум во поимањето.

Овие активности можат и да се сватат и како постоечки сет на слични искуства (таткото во прво време е помалку корисно нутриционистичко битие, потоа е горд, па егзекутор на казни поврзани со кец у школо, па читачот на неделниот весник, па шоферот до парк прошетка) арно ама вака пак поимањето е циркуларно и не нуди можност за промена. Во однос на што сметам дека нивниот попис е секундарен во однос на друга работа. Треба да се земе во предвид дека татковството е составен дел на една културата, во која функционираат врдности, идеи, однесувања кои можат да се довдат во блиска врска со татковството. Во кој случај многу побитно е прашањето дали добар татко е оној кој ги потврдува културолошки настанатите очекувања, идеи, вредности и истите само ќе ги пренесе, интернализира во и кон детето (а со тоа стане добар родител според критериумот ги задоволува барањата) или пак нема да го воведе своето чедо во култура со чии вредности не се согласува, така осудувајќи го на можност од неприфатливост. Поточно, како да се одлучи помеѓу изборот татко конформист или идеалист. Или уште потешко: Како да го обучи детето да го направи таквиот избор, откако претходно го запознал со културата? Како да го воспита во време на променливост, плурализам да не речеме?

Прашања има толку многу што со секое наредно, одговорот е подалечен, затоа во духот на анти тупачиството би рекол дека не таткото, ами детето е медијатор помеѓу светот и таткото, родителот кој има одговорност пред се кон себе и светот, и двете сплотени во детето. Детето е баланс, meeting point на светот и родителот, на храни го на два саати и како, на учи го дека пријателството е основна човечка вредност и зошто, и повторно како, на твојот личен избор дали ќе бараш детален репорт после првиот интимен состанок, на правото да се санкционира или не, на...

На крај на краиштата, што е пак добра мајка? Добар родител? Но многу поважно, а во дух на моето лично верување, како и реакција кон рецептот за татковство, дали на крајот татковството постојано не се создава, ресоздава, реинтерпретира и слично? Взаемно, неделиво се развива и менува со процесот на мајчинство, родителство, синство, ќерковство, и живеење. И едно друго прашање (инспирирано од драга ми сватица) , а парафразирано: “Дали мојот татко е и таткото на мојата сестра, мојот брат?”

И најбитно во мој случај (за оние што доообро ме познаваат): “Што е добар, грижлив, послушен син? (Дали како и таткото кој треба да ги препознае потребите на потомството и да ги поучи истите морално и приоритетно да ги вреднуваат и задоволуваат, дали и синот итот така треба, (а со тоа и како и кога) да уочи дел од потребите на родителот? И делува соодветно.

Ова се само дел од прашањата кои јас допрва ќе почнам да ги одговарам, вреднувам, реформулирам и така натаму. Ако успеам да постигнам јасност и опипливост во резултатите само ќе ги пренесам со нагласување дека истите се неприменливи во друг дом. И така, отидов ја да татковствувам, оти од денес натаму прашањата ќе се ројат без можност за многу размислување а јас ќе треба од ројот многу ефикасно да го вадам и медот и млечта. А Вие добро размислете што би правеле откако сперматозоидната инвестиција, донација ќе ви се материјализира, оживотвори. Ако се чуствувате неспремни...


[i] Не станува збор за криза на мојот личен полов идентитет, колку што навистина се грозам од такви патријархални идеологии во кои “местото на жената е дома”, а истовреме се зборува или бара БИЛО каква еднаквост.
[ii] Тука не стана збор за политичка определба иако би било интересно да се разгледа како татковството се определува во зависност од односите на мажот и жената дефинирани и регулирани од страна на општествените институции и доминантната политичка (или религиозна) филозофија, ориентација.

вторник, 10 март 2009 г.

Обука Ромалеско

Во овие политички бурни времиња, јас решив да и помогнам на македонската економија, скопските возачи и секогаш сиромашните Роми. Првава да потпркне, вториве да се позадоволни и посмирени, а последниве троа побогати.

Мојот личен мотив е помалку да се нервирам кога со оној мрслулаво-патетичен израз на лицето кога само барааат: “Дај 5 денариии!”, а за возврат не нудат ништо, или пак кога упорно продолжуваат да ми го шљакаат ветробранското стакло и дури и по моето одлучно и видливо вознемирено одмавнивање со рака и изричит израз на лицето кој вели: “Не ми ја чепкај шофершајбната!”

Механизмот за сето тоа да се направи е марктинг тернинг за асфалтните Роми (пардон, политички коректно и македонски стандардно кажано – Обука за пазадно работење на уличните Е-ѓупци) со цел да го подобрат квалититот на понудената услуга со тоа што ќе се обучат како да го пласираат и пред се продадат својот производ.

Некои од предложените стратегии вклучуваат:

Да се создадае корпус на начини како просењето да се направи поатрактивно и поинтерактивно искуство. На пример, можат едноставно да ти кажат: “Дај 5 денари и среќа ќе те следи до дома, не даваш ли 5 денари ја ќе те следам до следна раскрсница”. Или пак на возачот да му раскаже некаква приказна како против-вредност на бараните 5 денари. Или уште подобро Романизирана верзија на приказната, нешто као Ромската црвенкапа, која носела црвен шалвар и марама, била киднапирана у топана и потоа ослободена од Амди. А пошто времето на раскрсница е кратко, раскажувачот може да најави дека продолжението следни на наредната раскрсница со зборовите: “Братми, ако идеш на следна раскрсница у партизнаска побарај го Рамиз, брат ми, да ти ја докаже причата, многу е интерсна, ќе видиш.” Со други зборови наратив суспенс укомпониран со добро потрошени 10 денари (минимунг 5 по продужетак).

На овој начин на функционирање, Ромите би можеле да се развијат и во улични забављачи, па потоа и да оформат свои еснафи, синдикати на улични радници, па и самите да организираат семинари, обуки, натпревари, размена со страни студенти (питачи од Свети Марко на пример), па дури и да влезат како радна категорија, професија со што би се стекнале со право на пензија. (Или можеби подобро не оти ќе треба да плаќаат данок)

За оние што мачкаат стакла, да се реклмираат со идеата дека ако не се исчисти стаклото, шоферот не ќе биде во состојба да забележи згодна, сама и невино-изгледајуќа стоперица, или нема да можат да го видат семафорот, или слично. Со други зборови бришењето на стакло да се продаде со прича која исотот ќе го направи неизбежно поради некоја причина. Слична идеја е и тоа да у соработка и договор со производител на виледи на пример, прво намерно ја напраат шофершајбната лом, а потоа на возачот као демек неочекувано му маркетираат една виледица со зборовите: “Бај д веј, ваквиот лом можете да го исчитите токму со оваа виледа овде која чини 30 денари во кои спаѓа и демонстрација на нејзината моќ, то ест радна-бришна рака. (ова е се под услов шоферот да не ги пребие).

Супер би биле да делуваат без глас со тоа што би носеле и маици со натпис Get rid of me for just 5 denars, или да им лепат стикери на возачи со напис I did not give any thing to a poor Gypsy so I got this stiker, или...можностите се многу.

Мене исто така ми се допаѓа идета и за фискални сметки за услугата на кои би стоело: “Газда Рамиз агол-партизанска и илинденска, дооел. “(бар така ќе мора да научат да напишат нешто).

Ваквата обука и сам би ја спровел , само ме тишти дали има интерес од страна на оние кои треба да и “подлегнат”. За крај би нагласил дека немам, иако може да ви звучи парадоксално, анти-ромски мисли и чуства и став дека се најниска и маргинализирана група, иако и се, но кога веќе се бават со нешто нека се бават бре онако капиталиситчки, ем да те тормозат ем да ти е мило.

четврток, 5 февруари 2009 г.

I've Been Facialised

И така неслутно колку сум јас популарен, АКА достапен како и сите ние нет-профилирани фаци, се подзачудив колку тоа роденденски честитки примив пред некој ден на ФБ и тоа од луѓе попознати, поблиски, далечни, драги, познаници мили и останати. И нормално, близоста ни наша меѓусебна, но и карактерот сопствен, е непишано правило кое ја определува содржината и должината на честитката, па така добив разно-разни, за секоја од кои сум поединечно благодарен оти во подарена честитка на буквите не им се замера, а чуството да се биде мета на истата е во најмала рака пријатно. Но се прашувам дали исто или слично чествување ќе примев и телефонски доколку такавата информација беше достапна на нетот. Ако не за друго, бар такавата саунд-честитка у живо пружа за нијанса поголемо задоволство барем кај мене како горд претставник на орална култура која најчесто ужува анален третман. Згора на што јас секое такво желбено јавување го завршувам со покана. А штета, ќе беше и мор и мери и блоди шери и ќаскаво и се и ќе имавме можност поквалитетно да се подружиме, подзапознаеме и прокомуницираме. А токму квалитетот на односите човечки и дигит-аналната комуникација е она на што ме инспирираа моите честитки на ФБ. Истите ми се драги и прифатливи ако ништо друго ради тоа што нив им подлежи фина причина и повод – јас во комбинација со куртоазијата на честитачите.

За разлика од нив, и вакавиот комуникативен моуд кој вклучува како познат испраќач, така и причина и цел на пратената порака (честитка) , оној што ми пречи, помеѓу другото и затоа што не ми се обраќа мене, е оној начин на општење, присутен на ФБ, кој се однесува на:

а) апликации од типот “Кој си ти орган жирафе?”, или “Какво ти је срцебијање кад видиш згодног момка?”. Каде врз основа на 6 ступидни, сиви, ригидни прашања се категоризира, идеалистички кажано, шарената популација. Знам, знам, целта на такви апликации е забава, ама почекајте го мојот одговор на таквата евтина забава. Ја еве баш денес параев такво тестирање и ми испадна дека сум Сартр, а ја од Жан ни Ќ неам у себе, башка од грото французи коса ми паѓа.

б) квизови или игри на џалинџ во кои се тестираат и докажуваат сопствените знаења и вештини и врз основа на добиени резултати се рангираш или у свет на зналци или незналци. А потребното знаење за да се заврши успешно квизот е само следење на други медиуми: ТВ, фешн магазини, теи, смеи и остало каде постојаното присуство на актерот Х се врежува длабоко во паметење, а врв на когнитивноста е запаметување на фактот дека тој се појавил у филмот У.

В) Или пак оние супорт мај коз, кам то плоштад анд чеш јор лефт тестикл бикоз бикоз, бикоз...

Па нити сум ја лесно споредлив со панкреас од слон, нити сум филм-савант за бастер-квизови, нити ми се чешаат мадиња затоа што некој така рекол (а друг форвардирал) и тоа без и да ми каже зошто ја бара мојата подршка. Ова посебно нервира.

Е сеа по некоја пратена шопска или пастрмајлија или лута ж’та ми годи, ама тоа докажува нешто - дека оној кој ми ги праќа МЕ ПОЗНАВА, тој ги знае моите преференци и мезалски фантазии. Таа, дури и една фиктивна салата (најбоља пријатељица тиквешке) ми е упатена мене, и ми се обраќа мене. За разлика од што во секоја друга пратка јас сум само дифолт примач, како и многуте други. Го правам и јас тоа, ама еве ветувам дека ќе потпрестанувам. Додека не престанам слободно пцујте ме.

Иако овој мој намќоресто-мрчечеки став сум свесен дека може да се протолкува како недостаток од хумор или смисла за забава (нели фејсбуков ќе ми кажете дека е џаст фор фан, а ја сум напнат). Епа сум напнат, ама имам смисла и за хумор и за забава, само малку поинаква од погоре опишаната. А дека не претерувам во тврдењето за тривијалната забава и –изам, докажува и бројот на профили кои имаат my book, или слични апликации.

Но она што најмногу почна да ми пречи се упатените апели за подршка на Боро за претседник, а Рамиз за градоначалник и тоа најмногу ради тоа што ипраќачот најчесто ми е непознат, ми изиграва Господ (Во овој контекст би споменал дека на ФБ интерпелацијата ќе и посветам посебно внимание). Иако сите сме ние френдови па демек се знаеме, ама мене и Абебе Бакила ми е френд, па не сум сигурен дали го знам. Потоа, со тоа што не го познавам добро, нити му ги знам (искрените) мотиви и намери, а најпоеќе не можам на раат да му го плеснам у фаца, додека мене он ми свршил работа и ме увлекол во неговото срање и тоа без да ме праша или помисли дали сум за усранување од тој вид. Но најмногу ми пречи што не секогаш ми дава причина за барањето на моја подршка, то ест поткрепа зошто да го поддржам. Со право може да ми се замери дека имам избор да игнорирам, ама не е поентата ја да игнорирам идијоти со “good intentions”, поентата е они да знаат дали мене да ме игнорираат или не.

Токму ваквата безчовечна, безгрижна и инструменталистичка комуникација, каде јас сум само алатот до целта на нечија група, одамна ми пречи али сеа помешана со политика, еее Баце ја прелеа.

И затоа ги поканувам сите мисленици да повелат во мојата дружина со наслов Talk to Me, Don’t Just Click Me, but even if you do, tell me why која е замислена како клуб на љуѓе кои не се баш воодушевени од профилираната, безлична и дехуманизирана дигит-анална сајбер комуникацуија и си сакаат размена на стоки (рецимо добар филм) идеји, мухабети и останато во прилог на хуманизација на односите и општењето. (то јест сите оние кои не сакаат да бидат третирани како units on a click list).

НАПОМЕНА: Горенаведените ставови не се однесувата на сите супорт тимови или групи на интерес.

среда, 28 јануари 2009 г.

Апел за предизборен инцидент

Еве и ја во духот на најактуелните настани кои земаат се поголем замав, претстојните избори, се спремам за истите преку планирање на најизборниот меѓу најизбраните настани во тој период – изборен инцидент. Моето лично сценарио за истиот е следно:
Пред одредни, во однос на тоа колку економските услови дозволуваат, изборни места би поставил штандови со сендвичи и сокчиња. Истите ќе ги делам бесплатно на секој гласач кој ќе дојде со било каков доказ, барем и во форма на усна изјава дека тој или таа се барем минимално задоволни од градоначалникот (не само Триперовски) во заминување. Односно секој оној кој ќе илустрира дека барем 25% од ветувањата на кандидатот од претходните избори се остварени.
По два сендвича и три сока ќе нудам за секој оној кој ќе ми фино објасни зошто , и покрај можноста од веќе постоечко чуство на разочараност, повторно излегува да гласа и зошто токму за кандидатот за кој се одлучил.
A пошто и во двата случаи ќе остане поолно храна и пијалоци (ради ситуација кеч22 меѓу останатото) ќе мора да го реформулирам барањето "Oд од што сте задоволни?" во "Oд што не сте?". А поради тоа што немам тенденции да станам супер ТВ (комерцијаелн) психијатар како Јанко, нивните прозаично-долги изјави ќе ги побарам во писмена форма со нотарска заверка за која изјавувачот би бил награден со 150 денари. Плус сангвич се разбира. А како би ја нагласил агресивната природа на инцидентите, теткински упорно ќе ги терам луѓето да си земат и уште по малку од ова и од она, иако за тоа и не ќе има потреба. А тоа ќе го правам со подигнати веѓи кои велат "Цел ден сум го правел ова, Земи!, мораш да пробаш".

Е сеа, што после ќе правам со изјавите уште не сум најсигурен. Ако бројката е голема, би можеле да се продадат како доказен материјал (кој би се искористил или уништил во зависност од потребите), или би можел да си ја исполнам сопствената емотивна желба на самозадоволна насмевка при коментарот упатен кон секој жалопоен гласач "Мрш У(ј)ПМ и да не те слушам повеќе". Но со сигурност знам дека не сакам ништо да докажувам на сегашните владетели. Друга можност е да се состави едно книжуле од сите нив и им се достави до ЕУ како поткрепа и благодарност за нивните залагања за подобрување и развој на демократските процеси во нашата држава. Чунки ако нема стапови и камења на изборните места, се е во ред.

И така, доколку некој се согласува со оваа идеа за предизборен инцидент и би сакал истата да ја потпомогне, ќе молам истото да го стори во форма на маргарин, путер или било каков сендвич мастраф, или пак донација од тетра-сок во најмала рака. Поимошните можат да донираат и по 150 денари за нотар. А најзагреаните за инцидент ги повикувам да одвојат по ДЕСЕТ денари од својот џеб кои ќе бидат им бидат врачени на кандидатите-градоначалници во моментот на нивното излегување на гласања. На пример 100 луѓе демнат по цел ден и штом се појави Коце, сите му фрлаат по 10ка како иницијална инвестиција за неговите ветувања. Башка тоа документирано, сосведочено на камера.

До следната нерегуларна идеа, ПОЗДРАВ. О’Кураж за сите инциндентари.

среда, 21 јануари 2009 г.

НОВА ЛОКАЛНА САМОУПРАВА:

ПРЕДЛОГ ЗА ИЗМЕНА

Со цел за подобрување на локалните услови на живеење од секаков карактер, а во надеж и за подобрување на севкупно-градските, јас предлагам измена на начинот на избор за градоначалник (општински и градски) како и промена на досегашната управно-функционална структура (ако таква воопшто постои) на градоначалствување и советништво. Идеата е следна:

Секој куќен совет го предлага својот постоечки претседник како кандидат за маалски претседател. По повод негов избор се организираат избори но повеќе во смисла на натпреварувачки изборен саем (ова го решава и медиумскиот терор и трошокот од сегашните изборни кампањи). На дадениот ден секој кандидат ги претставува плодовите на својот куќносаветнички труд пред жителите на останатите маала и пред специјално формираната комисија од маалски претставници. Сите од овие имаат улога да го вреднуваат прикажаниот труд. Како конкретна задача пак, на кандидатот му се дава задолжение да организира мини радна акција насочена кон решавање на конкретен проблем, по можност од сечиј интерес. После акцијата треба да организира журка (да видиме каква смисла за entertainment има). После истата кандидатот се оценува во однос на ресурсите, поточно способноста и мобилизираните сретсва како за оранизација на журот така и за чистење на постфестумскиот лом. Друг начин да се тестира јунакот е да му се даде друга зграда да ја началствува 1 месец. Сума сумарум, начините се повеќе, додека целта е една – да се избере кадарен маалски претседник кој понатаму, на повисоко ниво, ќе биде кандидатобилен за регионален претседник, претседник на неколку маала. Е токму тие регионални менаџери пред се, се уствари општинските советници кои пуленот меѓу нив го прогласуваат за началник скупштине.

Така формираниот општински совет меѓудругото се спонзорира од месечните уплати на граѓаните за влез шо ги викаме, место 200, накачуеме на 250. Од кои150 за зграда и по 50 за маалски и регионален буџет кој се вложуе у развој но и репарација на општината и сите нејзини делчиња. Кој не плаќа нема право да побара помош во кризни и некризни времиња. Башка шо ќе се формира миниопштинска хигиенска служба, вработени 30ина. Или колку е потребно комунални работници, кој ќе се грижат ем за влезови, ем за паркови у општина, ем ќе бидат пријавени како работници и радно место. Згора на што наместо, советниците да седат ко мамлази и дигаат руки и млатат слама, овие нови маалски претседници и регионални претседници ќе земаат сериозна плата за тоа, у ствари тие и ќе бидат советниците, но за разлика од дебилниве , нема само да имаат политичка активност на планирање, и дндрмндр-рирање на предлог идеи, нацрти и пичке си мајчине, но ќе имаат и егзекутивна одговорност и задолжение секој од нив да обмисли и реализира еден проект месечно. Мини проект, за да речеме за еден регион,(пример во регионот од млечен до мал одмор да ги попуни дупките на улиците како јас не би чуствувал непријатно чуство во мојот абдомен и ректум при секое управување со билокое превозно сретство). НЕ ли го направи тоа, 60% од плата да му се скрати. Сеа, на идеава може да и се замери дека не зема предвид, оскудица, дупнати каси и слично, ама ако таквиот начелник не е способен да створи фонд, нека не се ни мачи да се пријавуе. Еве му поттик – казни. Сосема банално – 300 за потпис у лифт. 500 за неутврден автор на било каква шкртаница. Потоа, казна за неплаќање казни. Па на крај на краиштата нека се организираат и маалски олимписки игри каде пола од парите за котизација ќе бидат за победниците, пола за маалска каса, па симболички карти од 5 денари, продажба на сокчиња, па опклади (зашто младите да фрлаат пари на Челзи, па Роман не е грев). Или нека се организира натпревар за најбоља маалска пита и гибаница.

За крај, предлогов нити е конечен нити е некаква еурека. Сигурно го има на разни начини и делови по куп Енџи-Оаа, конференции, публикации, слични њума. Но она што јас лично го гледам како најбитно, покрај тоа што маалските и регионалните претседници би можеле да се сменат мноогу пред 4те закоравени години, е неискажаната идеа-мотив која му подлежи – целосна департизација на државава и тотално менаџерски преокрет и ориентираност. Нема веќе партии. Само граѓани и граѓани кои привремено изведуваат мини и макси проекти од јавен интерес. Е сеа, така нема да се реши ни едно политичко посензитивно прашање. Затоа и имам сочуство кон сите оние кои треба да бидат избркани од оваа моја идила. Нек се...

четврток, 15 јануари 2009 г.

Не барам чуда, само едно извинување и ...

ДА, ги сакам, се еден од моите омилени бендови, ако ништо друго барем најслушаните во последнава пола година. Ама кој К???

Вчера, според најавата, со полно срце очекување да повторно уживам, и со внатрешен конфликт дека ем треба да се делам од домашните (мојата фамилија во исчекување) ем во неможност да ги споделам моментите со нив отидов на концерт на Фолтин во Хавана Клуб. Старт најавен за 23 часот. Неможам да заобиколувам и бидам дипломатичен, затоа:

Кој К!!! се замислуваат па да почнат со 100 и пет ебени минути задоцнување. Јас разбирам дека треба да се подгрее атмосферата, ама не и да се прегрее и можеби олади. Па искрено не сум тинејџер за да ми биде сеедно како ми е изгубено времето, оти за многу од нив (тинејџери) одењето дома не е опција. Нити пак разбирам, или бар ми е јасно, дека некој факинг менаџер со присила толку многу го одложува почетокот како би заработил повеќе. Па имај ебено малку разбирање и достоинство да почнеш бар “поскоро”.

Искрено, еден штотуку запознат пријатен човек ја предложи идеата да во знак на протест и бојкот сите го напуштат концертот. Здрава идеа нема што. Ама и не баш остварлива во нашите околности каде: “Ти ли ќе ми кажеш” и/или “Е добро де, ќе почнат. Што почнало на време.” или “Си платив карта” и слични зомбиевски реакции ќе задават секаква разумна иницијатива.

Од друга страна, не ме боли картата и нејзината симболична цена колку начинот на кој сум преебан и најмногу незнаејќи од кого: а) непрофесионалноста на бендот или б) лакомоста и нискоградоста на менаџерот на просторот. Затоа од нашите идни мудреци, владеачи да не речам, посакувам да воведат казни од типот:

10 000 илајади евра казна за орагнизаторот на настан кој задоцнил повеќе од 15 минути со почетокот. Секоја наредна минута 1000 евра.
Забрана за настап на било каков бенд, артист, или сличен далаверџија во зависност од пречекреноста: a) 15-30 минути задоцнување - 2 години забрана за јавен настап, б) 30-45 – 5 години и така натаму.
И над се забрана за влез на посетители после 15 минути од закажаниот почеток, за оние што сакаат да влезат – дупла, тродупла и така натаму карта.

ДА! Станува збор за радикален став и пред се за став поврзан со време, и Тоа Туѓо! И редно време е да почнеме истото да го цениме, оти со тоа покажуваме и докажуваме и многу повеќе од почит.

Инаку, пораката на Х-ебена Клубот е нешто као: “Напреден клуб за напредни луѓе”. Абе ајде. Да ти го ебам и копи рајтерот и менаџерот. Мрш! УПМ!

П.С. јас се извинувам на сите поради мојата недипломатичност, неисфилтрираност и не-еуфемистичност освен на бендот кој ме разочара и клубот кој се надевам ќе се затвори во блиска иднина. (ова е втор пат како сум гостин, а првиот пат мина само со 40минутно задоцнување).
П.П.С. И има простор за многу други замерки, но најмногу на смека на овците кои едноставно или не им е грижа за ова или уште полошо не го препознаваат проблемот.