четврток, 6 ноември 2008

Лондонско интермецо 3

Во местото каде денес на 29ти Октомври 2008 пиев кафе (кафетерија со име Либра или Либре – толку ми значеше) на повеќето од ѕидовите имаше испозакачено слики на кои на секоја една од нив имаше и прикачено, подобро речено висеше или наметливо подвиснуваше по една картичка со основни информации за сликата и неколку дополнителни информации: автор (Алекс Димопулос), име на дело, име на проектот (кој беше наречен mood) и (сајбер) место-сајт[i] каде може да се најдат, разгледаат и повеќе слики и секако – купи некоја од нив.

На прв поглед интересно ми се виде (при)спојувањето, што би се рекло англиски blend in на еден изложбен просотор, галерија – место за приказ и живеење на “уметноста” (духот и духовноста) со кафуле како место пред се посветено на социјалниот живот и социјализацијата, релаксацијата, карналноста. Два простори кои во минатото биле толку одделени што можеби некогаш, а не верувам толку оддамна, нивниот спој бил и незамислив и недозволив. Таквата одделеност како и значењето и доминантната улога на едното наспрема другото може да се провери преку инверзија на приспојувањето – не галерија во кафуле, ами обратно кафуле вметнато во галерија. Пијуцкањето и часкањето за време на отварање на одредена изложба (најчесто во помала галерија) е и традиција и пракса но само една вечер, додека од следното утро изложбениот простор, а што е посотјано забележливо во големите галерии, е строго и физички одделен од кафетеријата и суверџилницата кои се посетуваат за време на пауза или на самиот крај. На овој начин, при ваква организираност, пиењето кафе или пиво во изложбениот простор не само што е недозволено, но обратното (дозволата) меѓудругото[ii] би резултирало со истиснување на уметноста надвор од (дискурзивното) внимание, би ја направило второстепена, би го ставила кафе муабетот во прв план, би покажало непочит кон авторот, делото, и кршење на однапред определените правила според кои сликата треба, може и мора да се конзумира. Од друга страна сликата во кафуле не бара постојано и доминантно влијание, повеќе е вкамуфлирана како дел од декорот, и може да биде оддишка (дали од досаден муабет, желба за прошарување со поглед или друго) за оној што би се заинтересирал да ја подогледне подетално. (во галерија нема подпогледнување, едноставо ти се дава во поглед, затоа и најчестата поставеност на набљудувачот и сликата се тет-а-тет, прав агол). И друга разлика е тоа што сликата во кафулето не е табу (барем не во денешно време) и непристојност за разлика од обратното – кафе во галерија.

Арно ама како велат Б’лгарите “Тези слика не е слика” ами је артикал, материјален комодитет даден на понуда, достапен за купопродажба (за постетување на нив висат информации кои водат кон целта на deal). И како такви истите се обезсличени[iii] и не можат да се доживеат поинаку освен како мтрви објекти, парчиња облека, телешки бут на кој виси цена. А за иронијата да биде послатка нити пак се нешто посебно. На сите од нив е дадена намерно замаглена (blurred) фотографска слика/претстава на одредени предмети и пејсажи. Лично мене ваквата “уметност” ни малку не ме интригира, збунува и интересира поради тоа што истата е пример на она што јас скромно и лично го именував како уметност на технологијата на претставување на формата затоа што во преден план е истакната photoshop можноста на камерата или веројатно монтажата а претставени се замаглени форми, од кои и некои и не препознатливи, кои се изземени од било каква видлива позадина или видлив визулен контекст. Е сеа може да се каже дека јас не се разбирам од ултрамодерниот израз ама мене и баш ми је гајле за нечија камера од иљадници, некреативност и пред се безсодржајност од милиони и баналност од трилиони.
Ете каде тера доминото. И лошите слики се на продажба (иронично како не-слики). А и не треба да чуди. Оваа кафечиска галерија се наоѓа веднаш до влезот на еден луксузен, но пред се ултраскап (за нашиот леб наситен) хотел кој во својата цена вклучува задоволување на примарни, примордијални услови на сон и чистота. Се друго, дури и оние модерни а сепак пониски во хиерархијата потреби и желби се на платниот список – ТВ, весник, интернет. Епа обаче, ем опрче ем информативно изолиран, или плати или клати.

[i] Истиот е www.alexdimo.com
[ii] Велам меѓудругото затоа што верувам дека може да се наведат и многу други причини за неможноста од таква релација.
[iii] И без лице и без лик.

Нема коментари: